ЃОРЧЕПЕТРОВЦИ СО УШТЕ ЕДНО ЗАСИЛУВАЊЕ

„Лавовите“ и со Бени Демир ги стартуваа подготовките

Младиот офанзивец е ново име во Ѓорче. Благоја Георгиев е новиот тренер на голманите, првиот тренинг беше одработен во сала. Утре се приклучуваат и Бразилците

објавено: 9 јануари 2019 - 17:32

Македонија ЃП, еден од финансиски најстабилните клубови во Првата лига, денеска ги стартуваше зимските подготовки.

Тренерот Александар Таневски прво одржа состанок со играчите, потоа беше одработен и првиот тренинг, и тоа во сала со оглед на временските услови, снегот и студеното време.

Тренингот го одработи и Бенјамин Демир (22), младиот офанзивец кој е најновото име во таборот на „лавовите". На Демир последен клуб му беше Спартак Суботица, а претходно беше член на Скопје, Работнички, Пелистер, Тетекс, Хајдук, Еуромилк, Интер Запрешиќ, Вардар.

„Лавовите" се засилија и во стручниот штаб. Од денеска се приклучи и Благоја Георгиев, довчерашниот тренер на голмани на Шкупи, кој ќе работи со чуварите на мрежата на Македонија ЃП. Не треба да се трошат зборови за Георгиев, тој е еден од најдобрите голмани на Вардар во неговата историја.

Од утре тимот ќе биде комплетиран со доаѓањето на интернационалците од Бразил. Има тројца нови, но има и староседелци.

Утре или најдоцна до задутре ќе завршат и преговорите со Остоја Стјепановиќ, со него Македонија ЃП ќе има уште посилен тим кој има аспирации да оди во поход по пехарот во Купот на Македонија.

Најново во Фудбал