НАЈТРОФЕЈНИОТ КЛУБ ОСТАНА БЕЗ ЦЕЛА ОДБРАНА

Капитените, Глишиќ и Хамбарѕумјан се збогуваа со Вардар

Капитенот, првиот заменик и вториот заменик веќе не се дел од Вардар. Исто така си заминаа и Глишиќ и Хамбарѕумјан, а пред заминување е и Барсегјан. Веќе заминаа Велковски и Стојчевски

објавено: 22 мај 2018 - 11:45

Вардар престојното лето ќе остане без неколку играчи, кои што во изминатите сезони беа клучот на успехот, и ги освоија трите титули по ред. Го обезбедија и најголемиот успех во историјата на клупскиот македонски фудбал со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. 

Така во Вардар повеќе нема да бидат дел капитените. Бобан Грнчаров веќе си замина од клубот, исто како и неговиот заменик Никола Глигоров. Исто така истече договорот и на вториот заменик Дејан Блажевски, и нема да им бидат продолжени договорите. Тие си отидоа уште пред да заврши сезоната, и не беа во комбинација за последните мечеви. Глигоров е на добар пат да продолжи во Етникос Ахна, додека за Блажевски покрај Беласица и неколку грчки клубови, се споменува тимот на Шкупи. 

Од најтрофејниот македонски тим си отиде и Хофханес Хамбарѕумјан. Ерменецот уште пред неколку дена се спакувал и си заминал. Со него веројатно ќе си оди и Тигран Барсегјан, кој што, сепак, има договор до крајот на годината, но голема е веројатноста и тој да не биде дел од Вардар уште летово. Двајцата би можеле да продолжат во Ерменија, или, пак во Русија. 

СИ ЗАМИНАА ГЛИШИЌ, СТОЈКОВ...

Од Вардар сигурно заминува и Дарко Глишиќ. Левиот бек кој што четири сезони е дел од „црвено-црните“, ќе си бара нова средина, и најверојатно кариерата ќе ја продолжи во Унгарија. Исто така од Вардар си оди и Ацо Стојков кој што има истечен договор. 

Како што е познато, претходно од таборот на најтрофејниот македонски тим најавија и Дарко Велковски (продолжува во Риека), и Филип Стојчевски. 

Со тоа Вардарци идната сезона ќе имаат сосема поинаков лик за разлика од штотуку завршената. Низ текот на сезоната од клубот си отидоа и Стефан Спировски, Бобан Николов, Хуан Фелипе, Џонатан Балотели, Итало, Џамбул Џигаури... Во Вардар на големо се подготвува сериозен „ремонт“. 

НОВИ ИМИЊА МАНЕВ, МАНЕВСКИ, СТОЈАНОВСКИ

Вардар ќе прави подмладување на својот „ростер“. Веќе се споменуваат имињата на Михаил Маневски од Академија Пандев и на Влатко Стојановски од Ренова. Исто така како потенцијално засилување се споменува и Коста Манев, стопер од Интер Турку кој што е роден во Македонија, но целата кариера ја мина во финските клубови. 

НОВАК ПРЕД ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА СОРАБОТКАТА

И на Евгениј Новак му е истечен договорот со Вардар, меѓутоа голема е веројатноста украинскиот стопер да ја продолжи кариерата во „црвено-црните“. Одбранбениот играч ќе преговара со раководството за продолжување на договорот, и останува да се види каков ќе биде исходот. Новак беше еден од стандарните во изминатата сезона и во првенството, и во Лигата на Европа. 

Најново во Фудбал