СИТЕ ВО „ЦРВЕНО – ЦРНИОТ“ ТАБОР СЕ ВО ИСЧЕКУВАЊЕ

Десетте пресудни денови за Вардар!

Се наближува 31 јануари, тоа е денот „Д" за Вардар. Во следните денови мора да се платат најмалку 1.200.000 евра за да се избегне најавената суспензија од страна на УЕФА.

објавено: 21 јануари 2019 - 08:30

Од денеска па до 31 јануари, се чини дека се решава судбината на Вардар. Остануваат уште десет дена, период во кој ФК Вардар мора да плати најмалку 1.200.000 евра, за да се избегне суспензијата од страна на УЕФА, за да Вардар може и ова лето, но и она наредното, игра во Европа. Во случај да не се плати долгот, е тогаш тоа ќе биде страшно за сите во Вардар, но и за неговите фанови. Познато е дека на 21 декември Дисциплинската комисија на УЕФА условно го суспендираше Вардар поради непочитување на финансискиот фер – плеј, поточно поради неисплатен долг заклучно до септември минатата година, и тоа кон играчите, тренерите и кон сите свои деловни партнери.

Да не биде на 1 февруари егзодус...

Деновите си минуваат, 31 јануари грозничаво се наближува, а од клубот нема најави дека ниту ќе се плати, ниту дека нема да се плати долгот. Нашите информации велат дека се работи на случајот, дека се ќе се стори за да се избегне срамот. Во спротивно Вардар ќе биде првиот наш клуб кој поради долгови ќе биде суспендиран од УЕФА за нејзините европски натпреварувања, и Вардар ќе биде еден од ретките на Стариот континент кој заработил ваква казна. Сето ова е познато, сега е време за „акција", сега не е важно кој е кој во Вардар. Сега е најважно да се платат тие пари, се со цел да не дојде до резил. А не е тајна дека од постоечкиот играчки кадар, и така тој е оскуден, повеќе играчи најавуваат заминување, онака неофицијално, ако Вардар и дефинитивно во наредните две години не ќе смее да игра во Европа. Дали на повидок е нов, сега веќе голем егзодус? Тоа ќе го дознаеме после 31 јануари. Секако дека и јавноста, онаа спортската, фудбалската, очекува каков ќе биде потегот на одговорните во клубот. А најмногу ги интересира, каков ќе биде потегот, оние клубови кои му се конкуренти на Вардар во битката за излез во Европа.

Најново во Фудбал