НОВАК ЃОКОВИЌ, РОЏЕР ФЕДЕРЕР, РАФАЕЛ НАДАЛ

Може ли некој да ги „наследи“: Тенисот е нивното кралство!!!

Со години не дозволуваат никој да им пријде и евидентно е дека само времето ќе каже крај на нивното владеење, но не и пронаоѓање на нивни евентуални замени или „наследници“ во овој спорт.

објавено: 14 септември 2018 - 10:30

Сега кога уште малку ќе влеземе во есента и завршниот дел од тениската сезона, севкупно гледано ништо не се променило, барем не на самиот врв во последните нешто повеќе од 10 години.

Доминација на големото „трио", дел од стручњаците помислија дека токму во оваа 2018. година ќе прекине нивната тениска „магија".

Прва тема беше Роџер Федерер кој веќе не го гледаат како фаворит, туку повеќе како ветеран и учесник кој нема што веќе да понуди. Но, откако ги среди проблемите со коленото и грбот, на почетокот од годината ја одбрани титулата на „Австралија Опен", вкупно досега има 20 во неговата кариера. Лани Швајцарецот освен во Мелбурн, доминираше и на „Вимблдон".

Пензија му предвидуваа и на Рафаел Надал кој навистина долги години се мачи со колената и вистинско чудо е тоа што и понатаму игра на високо ниво. Со невидена леснотија дојде и до 11. трофеј на „Ролан Гарос", минатата година освен во Париз се искачи на врвот и на УС Опен, а на АО во драматично финале загуби од Федерер. Севкупно Шпанецот има 17 Грен слем титули.

А сето тоа се случуваше додека Новак Ѓоковиќ (14 Грен слем титули), но и Енди Мареј и Станислас Вавринка се опоравуваа од повреди или некои други приватни причини, а во меѓувреме почнаа и неколку „млади лавови" да доаѓаат со својот голем потенцијал да им покажуваат заби на големите. Ќе ги истакнеме Александер Зверев, Стефанос Циципас, Хејлн Чунг, Денис Шаповалов, Андреј Рубљев, Алекс де Минор, итн.

Овие момци на почетокот толку ветуваа(т), што АТП за прв пат направи и посебно бодување за нив во рамките од серијата „СледнаГенерација" (NextGen), како и завршниот турнир кој се игра во Милано. Но...

Легендите Ноле, Федекс и Рафа и понатаму горди се држат, целосно до крај. Меѓусебно ги поделија последните осум грен слемови, а од последните 52 не освоија само осум! Како што е веќе познато, српскиот ас Ѓоковиќ го освои последниот Грен слем „УС Опен" во Њујорк.

Тешко можеме да најдеме некој или некои кои можат да ги наследат овие тројца великани, ќе додадеме уште дека веќе долг период во нивна сенка стојат Цонга, Изнер, Димитров, Раониќ, Тим, Нишикори, Бердих и многу други тенисери.

Најново во Други спортови