ТРОФЕЈ БРОЈ 11 НА РОЛАН ГАРОС

Ма никој ништо не му може: Надал пак го освои Ролан Гарос

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал повторно го освои Ролан Гарос. Оваа година првиот светски рекет триумфираше со само еден изгубен сет

објавено: 10 јуни 2018 - 18:25

Во денешното финале Надал го порази Австриецот и дебитантот во финалињата на Гренд слем турнирите Доминик Тим со 3:0 (6:4/6:3/6:2). Резултатот зборува убедлива победа на Надал што е точно, но Австриецот воопшто не беше лош, на периоди му покажуваше заби на противникот но јасно е дека против извонредниот и искусен Шпанец мора да се игра и над своите можности.


Надал вешто го контролираше мечот и кога чувствуваше дека концентрацијата му паѓа, магично веднаш се враќаше во нормала и го креваше ритамот. Во првите два сета имаше само посериозни проблеми, додека во последниот одигра перфектно и со два брејка славеше со 6:2 и конечни 3:0 во сетови.


За Надал ова е 11. титула во Париз, а во последните две години изгуби само еден сет и тоа оваа година од Аргентинецот Диего Шварцман. Освен него, на патот до титулата ги победуваше Болели, Пело, Гаске, Мартерер, Дел Потро и Тим.
Шпанецот има вкупно 17 Гренд слем титули.

 

Најново во Други спортови