МАКЕДОНСКИОТ КАРАТИСТ ЗАДОВОЛЕН ОД ДОСЕГАШНИТЕ НАСТАПИ

ПАВЛОВ ДВОКРАТЕН ЕВРОПСКИ ШАМПИОН: Со еднакви услови Македонија може и до олимписки медал!

Воедно препорачува дека каратето може многу да помогне во правилно развивање на човечкото тело.

објавено: 17 јуни 2018 - 14:30

Изминатиот месец Павлов по втор пат во својата кариера стана европски шампион во категоријата до 60кг. на Европското првенство во Нови Сад, Србија.

Македонскиот каратист во големото финале на континенталниот шампионат со 3:1 успеа да го совлада Анџело Крешенцо од Италија.

На Балканското првенство во Турција исто така се искачи на врвот, откако во полуфиналето беше подобар од Ненад Дуловиќ (Црна Гора) поради прв освоен поен на резултат 1:1, а во завршната битка славеше победа против косовскиот натпреварувач Оргес Арифи (2:0).

Голем успех беше остварен и во февруари кога се закити со сребро од Премиер лигата одржана во Дубаи, таму во полуфиналето со 5:3 го совлада Летонецот Калвис Калнинс, а за златото загуби од Ерај Самдан (Турција) со 2:1.

Нашиот борец од Штип чекор по чекор на најдобар можен начин ги претставува боите на Македонија, за секоја почит огромни резултати не само како докази, но и мотивација уште повеќе да се работи во иднина и зошто да не после 20 години, повторно еден македонски спортист биде закитен со олимписки медал на градите.

Еден од најдобрите репрезенти на македонското карате, Емил Павлов ексклузивно говореше за „Спортмедиа".

„Па, можам да се пофалам со успешен настап на досегашните настапи на меѓународна сцена. Двапати сум европски шампион, еднаш бронза, три пати балкански, петто место на Светско и многу голем број на медали од меѓународни турнири. Оваа година за мене започна добро, го освоив сребрениот медал на Премиер Лигата во Дубаи, овој турнир е најквалитетен според конкуренцијата, дури е посилен и од Светското првенство, потоа станав и државен и балкански шампион, а по втор пат станав европски првак".

Запрашан дали македонското карате може да има уште поголем напредок и замав, преку самите тренинзи се дојде до уште подобри резултати и зошто да не Македонија преку големиот потенцијал бие битка за олимписки медал. Да потсетиме, Интернационалниот олимписки комитет донесе одлука каратето официјално биде присутно на следните Летни Олимписки игри 2020. година во Токио.

„Додека го имаме на чело на федерацијата нашиот претседател Драган Стојановски, мислам дека уште многу ќе напредува каратето, бидејќи постави систем за работа кој функционира најдобро и се постигнуваат резултати од големи натпреварувања. Доколку се подобрат и ни се овозможат исти услови како големите држави, мислам дека Македонија може да се надева на медал од Олимпијада".

26-годишниот Павлов исто така вели дека каратето може многу да придонесе за здрав и правилен развој на човечкото тело.

„Јас на сите кои сакаат да започнат со карате, овој спорт е идеална опција за создавање на карактер, пред сè здрава навика на живот. Зголемување на самодовербата и ќе стекнат голема почит спрема секого, бидејќи каратето нè учи и да почитуваме, и секако помага за правилен развој на човечкото тело".

Најново во Други спортови