Одличната Словенка извозе во време од 1:01.74 што беше доволно за одбрана на светската титула во спуст (триумфираше во истата дисциплина во Сент Мориц 2017). А Американката Линдзи Вон во еден дел од трката беше водечка но потоа падна на третото место. Меѓу Штухец и Вон се најде швајцарската скијачка Корин Сутер, која имаше 23 стотинки послабо време од времето на Словенката, додека Вон на третото место имаше 49 стоти делови побавно време.
Штухец стана првата скијачка по 30 години, односно по Швајцарката Марија Вализер која ја одбранила титулата во кралската категорија.
А Вон со бронзениот медал стана првата скијачка во историјата која освоила медал(и) на шест светски првенства. Интересно, низата ја почна пред 12 години и тоа токму во шведскиот Оре освојувајќи сребро во спуст и супервелеслаломот.
За Вон тоа беше последен настап во кариерата, затоа што по првенството заминува во заслужена пензија.
„Беше емоционална трка. Добар крај за мене. Успешно ја завршив трката, освоив медал, а во еден момент дури бев во конкуренција за првото место. Секогаш сум давала најдобро од себе, па дури и во оваа последна трка за мене. Сега ќе одмарам затоа што го заслужив тоа“, изјави Вон.
Светското првенство продолжува утре со комбинација во машка категорија.