ОДБОЈКАРИТЕ ДЕНЕСКА ГИ ЗАПОЧНУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ

Повратниците Деспотовски и Милков се приклучуваат во понеделник

Никола Матијашевиќ првата прозивка како селектор на машката одбојкарска сениорска репрезентација ќе ја има денеска (14 часот) во Маврово, кога ќе го означи почетокот на подготовките за квалификациите за Европското првенство 2019.

објавено: 20 јули 2018 - 12:30

Изгледот на подготвителниот период селекторот треба да го дооформи, но она што е дефинирано е дека репрезентацијата до 1 август ќе биде на Бистра и ќе работи на комплетното темпирање на формата за натпреварите во групата Ф, каде за противници ги имаме Унгарија, Украина и Швајцарија.

Новиот предводник исто така ќе располага со еден поинаков состав, со оглед на тоа дека на неговиот поширок список се и имињата на искусни одбојкари – техничарот Филип Деспотовски и примачот Александар Милков, кој се повратници во националниот тим и нивниот ангажман е веќе потврден од двете страни.

Останува засега непознато дали и коректорот Јовица Симовски, како и средниот блокер Ѓоко Јосифов ќе се договорат со Федерацијата и одново ќе го облечат националниот дрес. Токму повратниците Деспотовски и Милков се единствените кои најавија задоцнување, односно на подготовките ќе се приклучат во понеделник, додека сите останати Матијашевиќ треба да ги има на располагање уште попладнево.

Нови имиња во тимот се средните блокери Ѓорѓи Ѓузелов од Струмица и Тино Шулајковски од Вардар, кои добиваат шанса да се наметнат на позицијата на која реално Македонија е најдефицитарна во моментов.
Македонија во квалификациите за ЕП 2019 е дел од групата Ф, заедно со Украина, Швајцарија и Унгарија, а циклусот го стартува на 15 август со гостување во Будимпешта.

ПОШИРОК СОСТАВ НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

ТЕХНИЧАРИ: Ѓорѓи Ѓоргиев (ММ Пјанго), Филип Деспотовски (Аркада Галаци), Марко Јуниор Стошиќ (Вардар)
КОРЕКТОРИ: Никола Ѓоргиев (Онико), Јовица Симовски (Танурин), Марјан Урдов (Ерзени)
ПРИМАЧИ: Владо Милев (ВРЦК), Александар Милков (Сент Квентин), Александар Љафтов (Хебар), Стојан Илиев (Струмица), Иван Андонов (Весна – Пробиштип)
СРЕДНИ БЛОКЕРИ: Филип Маџунков (Јединство), Ѓоко Јосифов (Гисен), Славе Наков (Струмица), Ѓорѓи Ѓузелов (Струмица), Тино Шулајковски (Вардар)
ЛИБЕРО: Дарко Ангеловски (Вардар), Васе Михаилов (Струмица)

Оваа генерација одбојкари има историска шанса да се најде на едно Европско првенство, со оглед на тоа дека изданието во 2019 година ќе биде првото на кое наместо 16 ќе настапат 24 репрезентации и ќе има четири земји организатори – Белгија, Франција, Холандија и Словенија.

Најново во Други спортови