НОВИОТ СЕЛЕКТОР ГИ ПРЕЧЕКА ОДБОЈКАРИТЕ ВО МАВРОВО

ТРАВИЦА: Предизвик e да ја предводам Македонија!

„Размислувањата се позитивни и оптимистички. Комплетниот фокус е на Ф4 турнирот во Европската лига, на кој Македонија е домаќин" – потенцира предводникот на „спартанците"

објавено: 8 мај 2018 - 17:00

Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија попладнево во хотелот Бистра во Маврово ги започна подготовките за настапот во Сребрената Европска лига 2018. Новина во овој циклус е селекторот, Србинот Љубомир Травица, кој од минатиот месец е именуван за нов предводник на „спартанците". Иако стартуваше само со пет одбојкари, а дел од играчите кои се на неговиот список имаат и ситни повреди, сепак Травица е оптимист и за него е предизвик да се води нашата селекција.

„Размислувањата се позитивни и оптимист сум, иако е се уште рано да се зборува за било што. Очекувам до крајот на неделава екипата да се комплетира и потоа да влеземе во една поквалитетна и покомпактна фаза на работа.
Фокусот е Ф4 турнирот на кој Македонија како организатор има директен пласман, а периодот до тогаш, односно натпреварите во групната фаза ќе ги искористиме како подготовка за завршницата. Се надевам дека со добра работа, заеднички сите сили ќе ги насочиме кон крајната цел – Ф4", објасни за „Спорт-медиа.мк" селекторот на Македонија, Љубомир Травица.

Српскиот стратег и претходната сезона беше желба на челниците на ОФМ за да седне на селекторската позиција, но поради работни обврски во текот на летниот период тој не можел да ја прифати понудата. Сега е поинаку.

„Предизвик е да ја предводам Македонија. Контактите траеја подолго време и лани имаше желба за соработка, но поради некои мои работни обврски во текот на летниот период не можев да прифатам. Сега е поинаку.
Се надевам дека оваа прва акција – Европската лига, ќе биде квалитетна основа за понатамошната соработка во настапот на Медитеранските игри во Тарагона, како и квалификациите за ЕП", додаде стратегот.

Репрезентацијата до недела останува во Маврово, а потоа се враќа во Скопје каде ќе работи на втората фаза од подготовките се до 19 мај, кога заминува за Ферезај, каде ден подоцна му гостува на Косово во првото коло од групата А.

Најново во Други спортови