ПОЗНАТ ПОЛУФИНАЛНИОТ ПРОТИВНИК НА МАКЕДОНИЈА НА Ф4

СРЕБРЕНА ЕВРОПСКА ЛИГА: Хрватска стои на патот кон ново финале

Второпласираниот тим во групата Б, Хрватска е противникот со кој одбојкарската репрезентација на Македонија ќе се соочи во полуфиналето на Ф4 во Скопје на 15 јуни.

објавено: 7 јуни 2018 - 11:06

Хрватска е противникот кој стои на патот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија кон ново финале во Сребрената Европска лига, на Ф4 турнирот, кој на 15 и 16 јуни ќе се одржи во СРЦ „Кале“ во Скопје.

Ждрепката во седиштето на ЦЕВ во Лозана одреди Македонија да ги измери силите со второпласираниот тим во групата Б.

Избраниците на Љубомир Травица како организатори имаа обезбеден директен пласман на Ф4, додека Хрватска настапот го потврди со пет победи и еден пораз во својата група.

Македонија и Хрватска последен пат се имаат соочено во септември 2012 година кога имаат играно во групната фаза од квалификациите за Европското првенство 2013. Двата натпревари се одиграни на неутрален терен, во Виена, односно Острава, а скорот е 1-1. Хрватите се радуваа на 3:0 победа, додека момците во „црвено-жолто" во реваншот славеа со 3:1.

Другата полуфинална двојка се Летонија (група А) и Белорусија (група Б).

Македонија веќе петта година во низа е дел од Европската лига. Претходните три изданија ги заврши со сребрен медал, додека во премиерата ја освои бронзата.

 

Најново во Други спортови