ОДБОЈКАРИТЕ НЕКА БИДАТ НАЈАВА ЗА УБАВИ ЈАНУАРСКИ ДЕНОВИ

Се радувавме во Скопје, нека ечи во Минхен!

Први во историјата во новата 2019 година влегоа одбојкарите. Тие во Скопје не израдуваа со премиера на Европското првенство. Нека бидат најава за се добро и убаво што ќе следи и за историски настап на ракометарите на Светското првенство, кои од утре ќе бидат главни на спортската сцена.

објавено: 10 јануари 2019 - 13:00

Ако по денот утрото се познава, ех што убаво ни тргна годинава на спортски план!

Не поминаа ни десет дена од 2019 година, а Македонија веќе испишува нова страница во својата историја, односно машката сениорска одбојкарска репрезентација премиерно ќе се појави на едно Европското првенство во септември.

“Спартанците“ со години се борат сами против сите. Даваат се од себе повеќе од две децении за да го „скршат“ малерот и конечно и нив да ги видиме во големото друштво. До солзи не израдуваа синоќа во „Кале“, песни, прегратки, радости... Онака за мерак, за да се разбие малерот, но и да им се затворат устите на сите оние кои со години наназад гледаат со потценување на одбојкарите.

По ракометарите, кошаркарите, ватерполистите, Македонија ќе има уште една екипна селекција за да и се радува и за да ја бодри на еден континентален собир.

Па како почна, така нека продолжи. 

Одбојкарите и нивниот историски пласман на Европското првенство, нека бидат најава за се добро и убаво што ќе следи и за историски настап и на ракометарите на Светското првенство, кои од утре ќе бидат главни на спортската сцена.

Ракометарите се веќе константни на големите натпреварувања, но тие целат кон Олимпијадата во Токио 2020, па еве нема да бидеме преамбициозни и да целиме на медал, но ќе се надеваме на место во олимписките квалификации.

Без притисок, само со големи желби и надежи. Соновите се исполнуваат, одбојкарите први ни го докажаа тоа годинава.

Се радувавме во Скопје, нека ечи и во Минхен „Македонија, Македонија!“

 

Најново во Други спортови