„СПАРТАНЦИТЕ" ВО СРЦ „КАЛЕ" ГИ ЗАТВОРААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ

Само три бода против Унгарија водат на ЕП

Победа од 3:0 или 3:1 вечерва против Унгарија, како и триумфи на Израел и Шведска, ќе значат промоција на одбојкарите на континенталниот собир во септември годинава.

објавено: 9 јануари 2019 - 14:00

Наједноставната, но истовремено и најтешката опција ја имаат македонските одбојкари пред вечерашниот дуел со Унгарија во СРЦ „Кале" (20:15 часот) во последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2019.

Победа од 3:0 или 3:1, односно три бода од мечот во Скопје се потребниот предуслов за заедно со позитивните резултати од дуелите во Јелгава, каде Летонија треба да го победи Израел, односно Стокхолм, каде Шведска ќе бара триумф над Азербејџан да се промовираат одбојкарите во патници на ЕП.

Она што не им оди во прилог на „спартанците" е фактот дека во овие квалификации немаат победа на домашен терен, односно двапати (и против Украина и против Швајцарија) имаа предност од 2:0, а загубија 2:3.

Истотака ниту еден меч на Македонија не заврши со максимален резултат, без разлика дали станува збор за победа или пораз. Со исклучок на гостувањето во Запорожје пред три дена кога Украина победи, 3:1, на сите останати натпревари се играа пет сета.

Македонија циклусот го отвори со победа 3:2 над Унгарија во Будимпешта, а сега ќе се обиде на ист начин да го заокружи настапот, што истовремено би значело и деби на најсилното континентално натпреварување.

Македонија и Унгарија утре ќе го одиграат четвртиот меѓусебен натпревар во едни квалификациите за ЕП. Пред две децении Унгарците забележаа две победи, а Македонија се надева дека ќе го израмни билансот на 2-2.

Доколку успее да дојде до максимална победа, а и резултатите од другите групи ни одат во прилог Македонија како дел од петте најдобро пласирани втори репрезентации во квалификациите за првпат ќе игра на едно Европско првенство.

Најново во Други спортови