НА 10 ДЕНА ДО СТАРТ НА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЦИКЛУСОТ ЗА ЕП2019

НИШТО НОВО: Одбојкарите без селектор ги чекаат квалификациите

ОФМ се уште е во преговори со Љубомир Травица, но се чини дека Србинот ќе остане на својот став да си замине

објавено: 9 јули 2018 - 17:00

Остануваат само уште 10 дена до почетокот на подготовките за квалификациите за Европското првенство 2019, а машката одбојкарска репрезентација на Македонија нема селектор.

Овој проблем станува веќе редовен, откако Жарко Ристовски си замина од селекторската функција. За секоја акција националниот тим се чини дека добива нов предводник, па така пред неполн месец беше Србинот Љубомир Травица, претходно Драгутин Балтиќ...

Травица ја водеше Македонија во натпреварите од Сребрената Европска лига 2018 и иако ОФМ вели дека нивниот договор бил функцијата селектор да ја извршува и за Европската лига и за квалификациите за ЕП 2019, Србинот за „Спорт" по завршувањето на Ф4 турнирот во Скопје изјави дека неговиот ангажман во македонската репрезентација е на база на пријателски договор и дека тој заминува.

„Ова ми беше последен меч на чело на Македонија. Тоа и порано го имавме договорено. Не е новост. Без мене продолжуваат понатаму", потенцираше пред неполн месец Љубомир Травица.

Според последните информации ОФМ уште е во преговори со Травица, но се чини дека тој ќе остане на својот став, односно дека Европската лига беше единствената акција за него како предводник на тимот.

Можеби довербата ќе му биде доделена на Деан Стојанов, кој им беше асистент и на Травица и на Балтиќ, а кој шанса да го носи епитетот селектор доби на Медитеранските игри во Тарагона. Доколку се случи тоа тогаш Стојанов ќе го има главниот товар со оглед на тоа дека Македонија е пред историска шанса да обезбеди премиера на едно Европско првенство.

Европското првенство 2019 во машка конкуренција ќе биде првото на кое наместо 16 ќе настапат 24 репрезентации и ќе има четири земји организатори – Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Со оглед на тоа дека во минатото Македонија секогаш за еден бод или еден сет не успеваше да се најде на континенталниот собир, сега има шанса да го поправи тоа.

Во квалификацискиот циклус 26 селекции ќе се борат за 12 места на финалниот турнир. Тие се поделени во седум групи по три и четири екипи, од кои победниците во групите и најдобрите пет второрангирани тимови ќе обезбедат пласман на ЕП. Квалификациите се играат во втората половина на август, додека последните две кола се предвидени за јануари следната година.

На ЕП кое ќе се одржи од 13 до 29 септември следната година покрај организаторите, директен пласман на ЕП имаат обезбедено и најдобрите осум репрезентации на претходното првенство во 2017 – шампионот Русија, вице-првакот Германија, бронзената Србија, Италија, Бугарија, Чешка, Полска и Турција.

Најново во Други спортови