„СПАРТАНЦИТЕ“ ЈА СТАРТУВААТ МИСИЈАТА ЕВРОПСКА ЛИГА 2018

МОРА ДА ТРГНАТ НЕКОМПЛЕТНИ: Травица ќе дебитира со петмина

Капитенот Никола Ѓорѓиев, Марјан Урдов, Иван Андонов, Филип Маџунков и Филип Николовски се петмината кои ќе се појават на утрешната прва прозивка во Маврово.

објавено: 7 мај 2018 - 16:30

Нема да има деби според посакуваново, Љубомир Травица, новиот селектор на машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија. На првата прозивка од подготовките за Европската лига 2018, закажана за утре попладне, во Маврово, Србинот на располагање ќе има само пет репрезентативци, капитенот Никола Ѓорѓиев, Марјан Урдов, Иван Андонов, Филип Маџунков и Филип Николовски. Останатите ќе се приклучуваат постепено, до петок, кога со доаѓањето на Владо Милев (кој игра завршница на унгарското првенство) ќе се комплетира тимот.

Репрезентативците кои настапуваат во македонското првенство би можеле уште в среда да се стават на располагање, доколку Вардар утре ја победи Струмица во четвртиот меч од финалната серија.

Во моментов единствено на поштеда е првиот организатор на играта Ѓорѓи Ѓоргиев, кој поради болки со коленото е на терапии и доби дополнителни денови за одмор, се со цел да се санира проблемот и тој да биде со тимот кога ќе биде и најмногу потребен.

Засега неизвесно е дали на селекцијата ќе и се приклучи средниот блокер Ѓоко Јосифов, кој од семејни причини е под знак прашалник.

Репрезентацијата до недела ќе биде во хотелот Бистра во Маврово, каде ќе ја одработи првата фаза од подготовките, а потоа се враќа во Скопје.

Настапот во Сребрената Европска лига, Македонија го започнува на гости кај Косово, на 20 мај, во меч, кој ќе се игра во Ферезај во рамките од групата А.
Покрај Македонија и Косово во групата се и Австрија и Летонија, а пласманот на „спартанците" на Ф4 е дефинитивен со оглед на тоа дека ОФМ и градот Скопје ќе бидат домаќини на завршницата.

Најново во Други спортови