ВО ПРЕСРЕТ НА ПОЛУФИНАЛЕТО ОД СРЕБРЕНАТА ЕВРОПСКА ЛИГА

Македонија е фаворит против Хрватска, но...

* Иван Ранчиќ добро го познава македонскиот тим и има работено со повеќе наши одбојкари

објавено: 12 јуни 2018 - 15:30

Селекторот на хрватската одбојкарска репрезентација Иван Ранчиќ во пресрет на мечот на неговиот тим со нашиот во полуфиналето на Ф4 турнирот на Сребрената европска лига, смета дека домаќинот е фаворит. Турнирот се игра во Скопје, а полуфиналето е закажано за в петок. Хрватска прв пат игра во Европската лига, а Македонија веќе три сезони по ред е вицепрвак.

Сепак Хрватите во групната фаза покажаа повеќе од нашиот тим. Хрватска играше во групата Б и заврши како второпласирана со само еден пораз, а Македонија беше третопласирана во својата група А со четири порази од шест меча.

„Реално, фаворит е Македонија. Домаќинот ќе ја има и својата публика, а тој тим има искуство во однос на нашата екипа. Сепак ние одигравме одлично во Европската лига. Сигурен сум дека така ќе биде и на фајнал фор турнирот" - вели селекторот.


Ранчиќ смета дека неговиот тим има реални шанси да дојде до финалето, а да стигне дотаму треба да ја победи Македонија во полуфиналето.

„Земајќи предвид како игравме досега, мислам дека можеме да играме рамноправно со сите учесници на турнирот. Реалнио мислам дека финалето не ни е недостижна цел" -вели хрватскиот стратег.

Тој не крие дека има проблеми со повредени играчи, но се надева дека се ќе биде добро до почетокот на Ф4.

„Нема да настапи коректорот Иван Раич. Имаме проблеми со повредите на некои битни играчи. Пред стартот на фајнал-фор турнирот ќе знаеме дали ќе бидеме комплетни или не"- вели селекторот.

Неговиот тим се подготвува во Сплит и во Каштела, според неговата програма.Тој истакнува дека многу добро ја познава македонската репрезентација.

„Секако дека Никола Ѓоргиев е првото име во домашниот тим. Тука е и Ѓорѓи Ѓоргиев. Но, ние се подготвуваме за целиот тим. Јас ги познавам повеќето играчи. На пример Милев е добар примач, Ангеловски либеро, потоа тука е Михајлов... Посебно го познавам Љафтов, одлично момче, играше кај мене. Познато е дека ги сакам македонските играчи, затоа што во мојот клуб играа Милков и Митев. Имам само пофални зборови за тие момци со кои редовно одржувам контакт", вели Ранчиќ.

Тој е и тренер на клубот Младост од Каштела кај Сплит каде што во сезоната 2016/2017 играше Љафтов.

Најново во Други спортови