НАЈДОБРИТЕ ОДБОЈКАРИ СЕ СОБИРААТ НА КРАЈОТ НА МЕСЕЦОТ

ЈАНУАРСКИ ПОХОД КОН ЕП: Со Албанија се темпира формата за Украина и Унгарија

Последните два натпревари од циклусот за Европското првенство 2019, Македонија ги игра на гости со Украина на 5 јануари, односно дома, четири дена подоцна кога ја пречекува Унгарија.

објавено: 13 декември 2018 - 13:00

Најдобрата машка одбојкарска репрезентација на Македонија е на чекор до историски пласман на Европското првенство 2019. Нашите одбојкари се на второто место во квалификациската група и се меѓу петте најдоропласирани втори селекции кои се во игра за билет за континенталниот собир.

За да ја заврши работата до крај на Македонија и остануваат уште два натпревари, на гости со Украина на 5 јануари, односно дома, четири дена подоцна кога ја пречекува Унгарија.

Селекторот Никола Матијашевиќ стартот на подготовките го закажа за 25 декември во хотелот "Континентал" во Скопје, додека тренинзите ќе се одвиваат во СРЦ "Кале".

Матијашевиќ нема да прави значајни промени во составот, односно и на последните два меча од циклусот ќе се потпре на проверени сили.

Како и во подготвителниот период пред почетокот на квалификациите, така и сега Албанија ќе биде селекцијата со која ќе ја темпираме формата. Ќе се одиграат два натпревари, во салата "Градски парк" во Скопје, на 28 и 29 декември. Во договор со селекторите едниот меч ќе биде отворен за јавноста, додека другиот ќе има тренинг карактер.

Репрезентацијата ќе има слободен ден само на 31 декември, додека на 1 јануари одново ќе се собере пред заминувањето за Запорожје на 3 јануари.

 

Најново во Други спортови