ВО АВГУСТ ЌЕ СЕ ОДРЖИ 42. ИЗДАНИЕ НА МЕМОРИЈАЛОТ

„Чајка“ во функција на одбојкарите

Од 9 до 12 август во Тетово, Македонија треба да ги пречека Албанија и најверојатно Грција во финалната контрола пред почетокот на квалификациите за ЕП 2019.

објавено: 23 јули 2018 - 14:00

Годинешното, 42. издание на традиционалниот меѓународен турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка" ќе биде ставено во функција на машката сениорска репрезентација на Македонија, односно ќе биде дел од финалните подготовки на одбојкарите во пресрет на квалификацискиот циклус за Европското првенство 2019.

Семејството Хаџи Иљоски и Одбојкарската федерација на Македонија од 9 до 12 август во Тетово ќе ги пречекаат националните тимови на Албанија и најверојатно Грција (се чека да го потврди своето учество) кои заедно со нашата репрезентација ќе бидат учесници на годинешниот меморијал. За тимот на Никола Матијашевиќ тоа ќе претставува финална проверка на силите во пресрет на почетокот на квалификациите, кои за Македонија стартуваат на 15 август со гостување во Будимпешта, кај Унгарија, во рамките од групата Ф.

Најстарата манифестација во календарот на ОФМ, која најчество се одржува во ноември и е во чест на предвреме починатата македонска одбојкарска легенда Бранко Хаџи Иљоски - Чајка, како и многупати досега, одново и даде приоритет на репрезентацијата.

„Донесена е одлука изданието да биде неколку месеци порано се со цел на одбојкарите да им се овозможат најдобри услови и подготовки за настапот во квалификациите, кои носат и историска шанса за генерацијата. Семејството Хаџи Иљоски, ОФМ и македонската репрезентација од 9 до 12 август во Тетово ќе ги пречекаат селекциите на Албанија и најверојатно Грција, за која се уште чекаме да го потврди своето учество", не информираше генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.

Како потенцијални учесници се споменуваа и имињата на Црна Гора и Хрватска, но со оглед на густиот календар и различниот план и програма за подготовки во пресрет на натпреварите ОФМ не успеја да ги договори овие спаринг партнери.

Најново во Други спортови