УФЦ ШАМПИОНОТ ВО ЛЕСНА КАТЕГОРИЈА

Хабиб се плаши само од еден човек! (ВИДЕО)

И понатаму топ-тема на сите спортски случувања е секако борбата за лесна категорија во УФЦ меѓу Хабиб Нурмагомедов и Конор Мекгрегор.

објавено: 9 октомври 2018 - 14:25

Борбата е завршена како што и многумина предвидуваа, со доминација на актуелниот шампион од Русија, кој е целосно поразличен свет во однос на Мекгрегор кога е во прашање „греплинг" и борење.

Откако во првите три рунди праќаше силни удари кон Ирецот, во четвртата со „гушење" го принуди Конор да се предаде, а после тоа направи и целосен хаос.

Го прескокна октогонот и го нападна тренерот на Мекгрегор. Се создаде тепачка, удари на сите страни, веднаш реагираа полицијата и обезбедувањето во Лас Вегас, а епилогот од сето тоа ќе се дознае во наредниот период.

Единствено што го загрижува Хабиб е секако ставот на неговиот татко. На прес-конференцијата упати извинување до сите, но и додаде дека ќе добие ќотек од татко му кога ќе дојде дома.

„Знам дека татко ми ќе ме разбие кога ќе се вратам дома. На сите им се извинувам. Татко ми секогаш ме учеше дека морам да покажувам почитување", рече Хабиб.

Веднаш после тоа се огласи и таткото Абдулманап:

„Мојот син веројатно го чека најтешката санкција, а тоа ќе биде мојот став спрема него. Ќе бидам многу строг поради ова. Го предупредив, за мене дисциплината е на првото место", рече Абдулманап.

Најново во Други спортови