ПРВИОТ ЧОВЕК НА ИААФ СЕБАСТИЈАН КОУ ЈА ПОСЕТИ МАКЕДОНИЈА

Коу: Најважни ни се младите

Предизвикот е да се остане релевантен и присутен како спорт во животите на младите луѓе, а најголема закана за атлетиката е ако не се успее во тоа, вели Британецот. Претседателот на ИААФ (Меѓународна асоцијација на атлетските федерации) креирал фонд со кој секоја година им се помага на помалите федерации да го развиваат овој спорт.

објавено: 25 септември 2018 - 12:00

Британецот Себастијан Коу е еден од најважните и највлијателни луѓе во светот на спортот. Меѓу многуте спортски позиции и ангажмани најважни се претстедател на Светската атлетска федерација (ИААФ), прв човек на Британската олимписка организација и претседател на Организацискиот комитет за летните олимписки игри. Лордот Коу беше прв човек на организацијата на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година.

Себастијан Коу беше успешен тркач на средни патеки, врв на неговата кариера се четирите олимписки медали од кои две злата на 1.500 метри, на ЛОИ 1980 и 1984 година. Лордот Коу беше гостин во Скопје на прославата на Атлетската федерација на Македонија за 70 години од нејзиното постоење.

На прес конференцијата по тој повод, одговараше на прашања на новинарите.

„Пред три години изјавив дека ќе дојдам како гостин на вашата атлетска федерација и мило ми е што сум тука. Поширока поента, според моите раговори со македонската федерација (АФМ) и со министерот за спорт (Дарко Каевски, директор на АМС н.з.) е дека зборувавме за важноста на атлетиката за една нација. Базата на се во спортот е атлетиката, а базата на се во атлетиката се клубовите. Бев многу задоволен дека дискутирав и ја видов решеноста и определеноста овде кон школскиот спорт. Младите луѓе треба да ја разберат важноста на атлетиката. Воодушевен сум дека тоа е стратегијата и на Владата да ги инспирира младите луѓе да ја прифатат атлетиката. Да се користи атлетиката за да се постигнат цели сврзани со здравјето. Многу сум задоволен што сум тука и задоволем сум што сум меѓу пријатели", изјави Коу.

Кога бевте избран за прв човек на ИААФ ветивте дека ќе им помагате на помалите држави. Колку го држите ветувањето?

„Си стојам на зборот. Јасно ми е дека помалите федерации имаат поголеми предизвици. Затоа креирав фонд, кој сега е во својата трета година. Во секоја од првите две години тој придонел со по 25.000 долари за секоја федерација која има проект што одговара на нашите заложби да го развиваме овој спорт. Знам дека тоа е така во случајот на Македонија и на многу други федерации, а ги има 170, колку го примаат ова. Тоа приденесува за инфраструктурата во Македонија. Основната работа е дека Олимписките игри во голем дел се околу атлетиката. Таа е олимписки спорт број еден. И заработувачката од ТВ правата од ЛОИ најмногу потекнува од атлетиката. Петина од сите натпреварувачи на едни ЛОИ се од атлетиката. Многу е важно федерациите да учествуваат во тоа делење на фондовите. Сакав да бидам во можност да ја прераспределам добивката што ја добиваме од ИОК од ТВ правата, назад до федерациите. Сакав да дадам пари што ние ги примаме од ИОК, назад до федерациите за да ги употребат за спортистите", вели Британецот.

Кој е најголемиот предизвик, а која е најголемата закана за атлетиката во глобални рамки?

„Предизвикот и заканата се една иста работа. Предизвикот е да се остане релевантен и присутен како спорт во животите на младите луѓе, а најголема закана е ако не се успее во тоа. А тоа значи да се биде иновативен, да се биде интересен во натпреварите кои се одржуваат во еден ден. Таквите еднодневни натпревари имаат привлечност за ТВ гледачите. Тоа значи и да се реструктурира Дијамантската лига за да има помалку митинзи, но од највисок квалитет. Да привлечеме нови спонзори. Да имаме повеќе атлетика на ТВ. Да ги подобриме некои од правилата кои се многу старомодни и не помагаат вистински да се разбере овој спорт. Бев задоволен што имав разговори на овие теми во Македонија денеска. Важно е да се осигура иднината на атлетиката на ниво на школи. Ако не живее во школите, многу е тешко за еден спорт да има иднина во една земја.

Што се случува со суспензијата на Русија во врска со допингот?

„Имаме независно тело кое е воспоставено кога ја суспендиравме Русија во 2015 година. Имаме јасни критериуми и план кој е договорен со Руската атлетска федерација. Ќе имаат средби во Русија за да се утврди уште што треба да се направи за да се задоволат критериумите во атлетиката. Нашиот Совет во декември ќе однесе одлука откако ќе дознае што независното тело што го споменав мисли".

Која од вашите трки ви е останата најмногу во сеќавањето?

„Онаа од ЛОИ во Лос Анџелес. Имав седум трки во девет дена. И седмата трка беше 1.500 метри, финале. Имав четири трки на 800 метри, а по еден ден одмор и три дена трки на 1.500 метри. Беше најтешката серија трки што сум ги трчал", изјави Коу за трката која во 1984 година му донесе олимписко злато. Таа година имаше и сребро на 800 метри. Коу има меѓу другите трофеи, две олимписки злата на 1.500 метри, во Лос Анџелес во 1984 година и на ЛОИ во Москва во 1980 година. Има и две сребра на 800 метра, на истите Игри".

Најново во Други спортови