| контакт | маркетинг
АВТО-МОТО

05.11.2016

Кој е Ленс Строл, новиот тинејџер во Формула 1?

Вилијамс потврдија дека 18-годишниот Ленс Строл ќе го комплетира нивниот возачки состав за 2017 година, како партнер на Валтери Ботас, со што Канаѓанецот ќе стане вториот најмлад возач во историјата на спортот

Строл ќе биде партнер на Ботас и ќе го пополни испразнетото место по одлуката на ветеранот Фелиеп Маса да се повлече и е првиот Канаѓанец во спортот по заминувањето на поранешниот светски шампион Жак Вилнев во 2006 година.
„Неверојатно е што во 2017 ќе се тркам во Формула 1 и можам само да им заблагодарам на Вилијамс за нивната доверба. Сонувам за Ф1 од моето детство и знам дека 2017 ќе биде голем тест за мене со многу за учење, но подготвен сум само да бидам подобар“, вели Строл на претставувањето во седиштето на тимот во Гроув.
Тинејџерот се има тркано во малите Ф1 серии три сезони, а во младинската школа на Вилијамс дојде пред една година откако претходно беше дел од академијата на Ферари. Тој веќе импресионираше со победата на Европскиот Ф3 шампионат оваа година.
НАЈМЛАДИОТ Ф1 ВОЗАЧ ВО 2017
Младиот Канаѓанец во 2017 ќе ја започне 40. сезона за Вилијамс во спортот со многу очекувања со серијата промени на аеродинамичките правила. Доколку нема некое големо изненадување, Строл ќе биде најмладиот возач во Ф1, поминувајќи го асот на Ред Бул, Макс Ферстапен.
Откако помина две сезони во Ф3, Строл тестираше со стар болид на Вилијамс од 2014 (ФВ36) за да се подготви за големиот чекор напред.
„Моќта е неверојатна. Учам за болидот, за неверојатната надолна сила, за ДРС и за менаџирањето гуми. Се чувствувам поудобно и посигурно по секој тест“, вели Строл.
Шефицата на тимот на Вилијамс, Клер Вилијамс, е задоволна од тинејџерот.
„Ленс ги импресионираше нашите инженери со неговата зрелост, талентот и ентузијазмот. Пресреќни сме што можеме да му дадеме шанса да покаже што може да направи во Формула 1“, вели Вилијамс.
„ПАРИТЕ НА ТАТО“ ПОМОГНАА
Неизбежното прашање кое ќе му биде поставувано на Строл следната година е тоа колку неговото место е осигурано со парите на неговиот татко, кој е милјардер, како и тоа кога ќе го положи возачкиот испит.
„Сите можат да си направат свое мислење и тоа не можам да го сменам. Да, точно е, моето семејство има пари и тоа не можам да го демантирам, но мислам дека го заслужив местото во Ф1 бидејќи победив во сите шампионати во кои учествував“, вели Строл.
Тој наполни 18 години минатата сабота и иако се знаеше дека местото во Вилијамс е негово, се чекаше на одлуката додека не стане полнолетен поради главниот спонзор на тимот, алкохолниот бренд Мартини. Првиот проблем на Строл, кој живее во Швајцарија, е како да го положи возачкиот тест.
„Ќе се обидам да посветам една недела да го завршам тоа. Треба да стигнам од хотелот до трките, така што е доста важно“, вели Строл.

ДЕСЕТ НАЈМЛАДИ Ф1 ВОЗАЧИ
1.Макс Ферстапен (Торо Росо) 17 години 166 дена Австралиско ГП 2015
2.Ленс Строл (Вилијамс) 18 години 148 дена Австралиско ГП 2017
3.Хаиме Алгуерсуари (Торо Росо) 19 години 125 дена Унгарско ГП 2009
4.Мајк Теквел (Тајрел) 19 години 182 дена Канадско ГП 1980
5.Рикардо Родригез (Ферари) 19 години 208 дена Италијанско ГП 1961
6.Фернандо Алонсо (Минарди) 19 години 218 дена Австралиско ГП 2001
7.Естебан Туеро (Минарди) 19 години 320 дена Австралиско ГП 1998
8.Крис Ејмон (Лола) 19 години 324 дена Белгиско ГП 1963
8.Данил Квјат (Торо Росо) 19 години 324 дена Австралиско ГП 2014
10.Естебан Окон (Мејнор) 19 години 345 дена Белгиско ГП 2016

 



Датум: 05.11.2016, 08:56
Статијата е прочитана 504 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.02.2017
22.02.2017
22.02.2017
21.02.2017
21.02.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense