| контакт | маркетинг

08.10.2017

Незаситни фудбалски колонизатори

Манипулации, убедувања, неспортски потези... Сето ова го карактеризира оној друг светски фудбалски натпревар - битката за фудбалските таленти и нивните пари.

Јавноста знае по нешто, но, веројатно, многу малку, за сето она што се случува зад кулисите на големите фудбалски трансфер-пазари. Ако ги прашате малку поупатените во овој проблем, без размислување ќе ви кажат дека паралелно со актуелните национални фудбалски првенства, постои и едно друго натпреварување кое трае 365 дена, а на кое се вклучени т.н. суперагенти, мајстори на глобалниот пазар на фудбалски трансфери. Манипулации, убедувања, неспортски потези... Сето ова го карактеризира оној друг светски фудбалски натпревар - битката за фудбалските таленти и нивните пари.

Усогласувањето на системот го поттикна постојаното менување на рамнотежата на моќта на т.н. суперагенти. Колку што е можно, тие се обидуваат да не доаѓаат во контакт за да не избувне „војна“, но понекогаш судирот е неизбежен. Бидејќи светот на глобалниот фудбал е голем, отворен пазар, апетитите за колонизираните субјекти не може да се згаснат.

За имињата на Хорхе Мендеш и на Мино Раиола не треба премногу да се зборува - двајцата најголеми фудбалски агенти на денешницата. Го вртат фудбалскиот свет на малиот прст, а парите што се вратат околу нив секое лето, се неброени. Но она што, веројатно, не го знаете за нив е следново. Двајцата го работат истото, но имаат сосема различен стил на функционирање. Затоа и не се трпат меѓу себе.
Португалецот Мендеш е пример за интегриран агент, со посебна референца на официјален финансиски претставник. Подемот во бизнисот го забрза во 2002 година, со спојувањето на големите португалски финансиски групации „Ореј“ и „Банко Еспирито Санто“, што прерасна во бизнис со економските права на фудбалерите. Оттогаш основачот на „гестифуте“ никогаш не престана со градење  сојузи во светот на финансиите, како во својата земја така и на глобално ниво. Оваа тенденција ја продолжи со работата како претставник на моќните меѓународни инвеститори, кои преку него и неговите компании почаа да купуваат и клубови. Благодарение на неговата работа и на неговата нова компанија „Фосун“, која го прошири своето портфолио, минатата година екипата на Вулверхемптон, член на англиската Чемпионшип лига, отиде во кинески раце. Благодарение на неверојатниот Мендеш кој отвора врати и онаму каде се чини дека тие се закатанети, кинескиот конгломерат успеа да го купи клубот. А следен чекор на Мендеш е да го продаде и португалскиот прволигаш Рио Аве.
За разлика од него, стилот на Италијанецот со холандски корени, Мино Раиола, е сосема поразличен. Него го интересираат само пари и е во состојба да прегази сѐ за да дојде до што е можно повисоки понуди за своите клиенти, но и до добар процент за себе. Не се двоуми да влезе и во жесток конфликт и судир со други суперагенти, па дури и премолчено да им влезе со лизгачки старт за да реализира трансфер на некоја своја фудбалска ѕвезда за сметка на некој друг. Убедлив е во преговарањето и знае да уценува. Го опишуваат како радикален индивидуалист, како некој што расипува и има цел да повлече сѐ од каков било договор, секако најмногу за себе и за својот играч. Речиси никој не кажал некој убав збор за него, секако, ако преговарал или завршил некој договор со него или со негов играч. Интересен момент за двајцата е што имаат една чудна крстосница во целиот свој работен век како агенти - Милан и Манчестер јунајтед.

Имено, Раиола имаше одличен однос со „росонерите“ додека Адријано Галијани беше „газда“ на „Сан Сиро“. Со него одлично тргнуваше, но по заминувањето на Галијани од директорското место и доаѓањето на кинескиот конзорциум, работите тргнаа наудолу. Раиола влезе во конфликт со Милан околу новиот договор на голманот Донарума, кого јавно го убедува да си оди од Италија. Причина за оваа лутина кај него е тоа што неговиот лут ривал, Мендеш, влезе на негов терен. Тој, пак, ги искористи добрите врски со Кинезите во Милан и успеа да им го „протне“ Андре Силва како ново засилување од Порто.
Вториот необјаснив феномен во односите меѓу Раиола и Мендеш е Жозе Мурињо. Сите знаат дека подемот на Португалецот започна со неговата промоција како клиент на Мендеш. И досега, секаде каде што работел, најдобрата „стока“ на фудбалскиот пазар ја добивал од „стадото“ на Мендеш. Но не е така и последните две лета. По преселбата на Мурињо на „Олд Трафорд“, во редовите на Манчестер ј. доаѓаат само играчи на Раиола. Минатото лето, дури тројца клиенти на Италијанецот го засилија англискиот тим на чие кормило е Специјалниот (Погба, Мхитарјан и Ибрахимовиќ). И ова лето се случи уште еден пресврт. Од никаде, уште еден пулен на Раиола направи милионски трансфер - Ромелу Лукаку.

Многумина во фудбалскиот свет веќе зборуваат за преместување на тежишната линија на „господарите“ на трансферите. Војната меѓу нив двајца не е завршена. Напротив, како што растат милионските понуди и договори така расте и антагонизмот меѓу нив. Војната на суперагентите допрва се засилува.

РАИОЛА Е ПОРАНЕШЕН ФУДБАЛЕР
Раиола е Холанѓанец роден во Италија. Како младинец, играл за екипата на ХФЦ Харлем од Холандија, но од 1985 година повеќе сакал да биде тренер отколку играч. Со само 18 години се нафатил да го води младиот тим на Харлем до 18 години. На 25 години почнал да работи како фудбалски агент за фудбалската агенција „Спортс промушн“. Првиот реализиран трансфер му е преминот на Брајан Рој од Ајакс во италијанска Фоџа. Зборува 7 јазици (холандски, англиски, француски, италијански, шпански, португалски и германски). Моментално под негова јурисдикција се 51 спортист.

МЕНДЕШ ПРОДАВАЛ ОБЛЕКА
Мендеш е роден во Лисабон. Во младоста продавал стара облека на пазарите за да преживее со своите родители. Играл фудбал за локалниот клуб Петрогал, но ништо особено. На 20 години заминал од Лисабон и се преселил во Вијана до Кастело, каде што, исто така, продолжил како фудбалер во локалниот клуб Вијаненсе. Во 1989 година, отворил продавница за видеоопрема во еден стар и напуштен трговски центар. Работел и во ноќни клубови, при што запознал многу познати имиња од јавниот живот на Португалија. По 2002 година, влегол во бизнисот со продажба на фудбалери. Негов прв реализиран трансфер е оној на Хуго Вијана во Њукасл.




Датум: 08.10.2017, 14:09
Статијата е прочитана 850 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense