| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

09.09.2017

Нов кичевски предизвик за „лавовите“

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ќе се обиде да го избрише поразот од првото коло со триумф во Кичево, додека Гостивар и Новаци ќе се борат за да го задржат перфектниот старт

Со поразот против Влазрими од 2:0 на домашен терен, екипата на Македонија Ѓорче Петров беше најнепријатното изненадување во првото коло од западниот дел на Втората лига. Тоа беше сосема неочекуван резултат за ѓорчепетровци, кои, како лански прволигаши, сезонава имаат амбиции за експресно враќање во елитата. Сепак, на дуелот против кичевскиот второлигаш, „лавовите“ никако не најдоа начин играта во поле и големиот број шанси да ги преточат во погодок, по што Влазрими со два гола во последната четвртина од мечот ја казни нивната неефикасност. Таквиот расплет и неуспешниот почеток на сезоната направија лоша атмосфера меѓу фудбалерите, кои во текот на првенствената пауза се обидоа да се вратат во нормала и да работат на исправање на недостатоците во завршницата од акциите.
Како што најавуваат од Ѓорче Петров, овие две недели биле добро искористени за да го тргнат поразот од мислите и неговото место да биде пополнето со оптимизам и желба за триумф. За такво нешто, екипата на Македонија ЃП повторно ќе има противник од Кичево. Овој пат тоа ќе биде Зајази, кому ќе му гостува на градскиот стадион во градот.
„Не може да не се каже дека бевме подобри од Влазрими на претходниот натпревар, имавме многу шанси, кои не ги искористивме, а тој нѐ казни со две акции во второто полувреме. Сепак, тој резултат не ја дава вистинската слика за нашата екипа, за квалитетот што го имаме. Можеме многу повеќе од тоа и очекуваме дека ќе го покажеме тоа на следниот дуел. Мислам дека сме поквалитетни од Зајази и доколку сакаме да се сметаме за кандидати за висок пласман, ова е натпревар што би требало да го добиеме“, вели крилниот напаѓач на Македонија ЃП, Кристијан Костовски.

ГОСТИВАР БРКА ДВА ОД ДВА
Во дуел на две екипи кои забележаа победи во првото коло, екипата на Гостивар го пречекува Новаци. Резултатски гледано, гостиварци многу потешко од очекувањата и само минимално славеа во првото коло против Локомотива, на домашен терен, иако прикажаното на теренот дава малку поинаква слика. „Црно-белите“ целосно доминираа на таа средба, но не искористија голем број шанси. Сепак, тие не смеат да си дозволат сличен настап против Новаци, чии фудбалери во минатото коло покажаа дека знаат да ги користат своите шанси кога го совладаа Еуромилк со 2:0. За такво нешто се свесни во Гостивар, но тоа не ги менува нивните планови.
„Ќе биде тешко, како и на секој дуел во лигата, но ние одиме на победа. Сакаме да ја почнеме сезоната со две победи во два дуела и мотивирани сме за таков резултат. Затоа сметаме на трите бода од овој дуел“, вели играчот од средината на теренот, Ерсин Фетаи.
Сличен став има и неговиот колега од средината Филип Деспотовски, кој го истакнува добриот здравствен билтен во екипата како фактор што може да биде решавачки.
„Практично сите сме здрави и подготвени за игра, немаме никакви суспензии, и тоа само ја подобрува атмосферата во тимот. Очекуваме добар настап и се надеваме дека ќе дојдеме до уште една победа“, вели Деспотовски.

НЕМА ЛЕСНО ЗА СТРУГА
Екипата на Струга Трим-лум имаше одлично деби во второлигашката конкуренција со победата во локалното дерби против Лабуништа од 2:0. Стружани посакуваат уште во оваа прва сезона за нив во Втората лига да се борат за висок пласман, а за такво нешто, потребно им е да врзат серија од неколку победи по ред. Такво нешто нема да им биде лесно во второто коло, во кое гостуваат во Горно Лисиче, кај Еуромилк, кому, пак, му се неопходни бодовите по поразот во првото коло на гостувањето во Новаци.
„Засега добро ни оди. Уште од подготвителниот период играме во добра форма, а тоа го продолживме и во првото коло од првенството. Свесни сме дека имаме добра екипа, но нашиот менталитет е дека за нас нема ниту една лесна средба и во секој дуел мораме да го дадеме максимумот. Желбата ни е на секој натпревар да одиме на победа, а за такво нешто, неопходно ни е да размислуваме на ваков начин“, вели искусниот напаѓач на Струга, Благојче Главевски.

ДВОЈКИ 2. КОЛО
ЛОКОМОТИВА- ВЛАЗРИМИ
ЗАЈАЗИ – МАКЕДОНИЈА Ѓ.П.
ЕУРОМИЛК – СТРУГА ТРИМ-ЛУМ
ГОСТИВАР – НОВАЦИ
ЛАБУНИШТА – ТЕТЕКС

ТАБЕЛА
1. ВЛАЗРИМИ 1 1 0 0 2:0 3
2. НОВАЦИ 1 1 0 0 2:0 3
3. СТРУГА ТРИМ-ЛУМ 1 1 0 0 2:0 3
4. ТЕТЕКС 1 1 0 0 3:2 3
5. ГОСТИВАР 1 1 0 0 1:0 3
6. ЗАЈАЗИ 1 0 0 1 2:3 0
7. ЛОКОМОТИВА 1 0 0 1 0:1 0
8. ЕУРОМИЛК 1 0 0 1 0:2 0
9. ЛАБУНИШТА 1 0 0 1 0:2 0
10. МАКЕДОНИЈА ЃП 1 0 0 1 0:2 0

 



Датум: 09.09.2017, 10:56
Статијата е прочитана 619 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense