| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

09.09.2017


Борец на поправен во Каменица, стартува Беласица

Велешани не освоија цел плен на стартот против Победа Валандово и сега одат во Каменица, кај Саса. Таму ги чека искусното трио Аксентиев - Златковски - Митров

Второто коло од националниот шампионат во второлигашка конкуренција Исток носи неколку интересни и неизвесни мечеви. Во прв ред тоа е оној на кој еден од главните фаворити за пласман во повисок ранг на натпреварување, екипата на Борец, патува во Каменица, каде што ќе се сретне со локалната Саса. Борец е сериозно организиран клуб, барем за наши второлигашки фудбалски услови, и како таков има резултатски императив пред себе. Од друга страна, пак, домашните имаат доста искуство во Ефтим Аксентиев, Зоран Златковски и во Иван Митров, кои се дел од екипата и кои ветуваат добри резултати сезонава.

БЛАЖЕВСКИ: СИТЕ САКААТ ДА СЕ НАДИГРУВААТ СО БОРЕЦ
„Фудбалот е таков, не можеш да очекуваш да победиш на секој меч, иако имаш таква желба, имаш таква цел. Ние во првото коло, ете, не успеавме и сега одиме, што се вели, на поправен. Саса има квалитетна екипа, ете искусни играчи во составот, но ние, пак, имаме свои математики. Посакуваме триумф, одиме да се надигруваме и да ја оствариме првата победа сезонава. Единствено ќе ни недостига Марко Ѓоргиевски, кој истегна мускул и очекуваме да биде способен за настап дури за следниот меч. Нѐ очекуваат неколку тешки мечеви, меѓу кои и оној против Пелистер во Купот, така што ќе биде интересно, што се вели“, истакнува тренерот на Борец, Пане Блажевски.

ВО ШТИП ГОСТУВА ПОБЕДА В.: МОРА   ДА  ГО ПРОБИЕМЕ БУНКЕРОТ
Штипските „сини“   успешно  старуваа во новата  второлигашка сезона. Утре, сабота, во Штип гостува Победа од Валандово, која во првото коло успеа да игра нерешено со главниот фаворит  за првото место - Борец. Брегалница и Победа не се сретнале ниту еднаш  во самостојна и независна Македонија.
Во таборот  на Брегалница - оптимизам. Сите сакаат да ја видат  „новата“  Брегалница, која во Турново  победи со 3:1.  Од ланската сезона играат само  Здравков и Наумов, сите други се новаци  и млади фудбалери.
„Можеби, уиграноста ни е проблем, но и теренот,  кој е нерамен. Сепак, верувам дека  мојата екипа има  квалитети  да ја совлада Победа. Бункерот на гостите мора да го разбиеме на почетокот“, вели тренерот  Драган Христовски.
За тоа што значи една победа на Брегалница, најдобра потврда е позитивната атмосфера во екипата.
Од друга страна, пак, некако сите ги отпишаа валандовчани од битката за висок пласман пред стартот на шампионатот, а тие, пак, изненадувачки, обезбедија бод на домашен терен токму против Борец, екипата фаворит.

БЕЛАСИЦА, КОНЕЧНО, НА ТЕРЕН


Струмичка Беласица поради подготовка и зачувување на теренот на градскиот стадион “Младост“ во Струмица за квалификацискиот натпревар на репрезентацијата на Македонија со Албанија во стартното прво коло на Втората лига - Исток паузираше и не играше, па така својот премиерен настап во Втората лига - Исток ќе го има во рамките на претстојното второ коло. А во ова второ коло, Беласица ја очекува соседското дерби во Радовиш, со домашната Плачковица. Во изминатите неколку години и сезони, Беласица и Плачковица, како аспиранти за највисок пласман во Третата лига - Исток, одиграа повеќе дерби- натпревари. Сите тие беа интересни и тврди, особено оние што се одиграа во Радовиш, па така се очекува да биде и на ова соседско дерби, но во второлигашка конкуренција. Беласица влегува во оваа сезона на реформираната Втора лига со големи амбиции да се бори за највисок пласман, што подразбира дека на сите натпревари, било дома или на гостински терен, оди на победа и на освојување на трите бода. Екипата на Беласица во летниот период се засили со неколкумина квалитетни фудбалери и се истакнува како еден од најсериозните кандидати за првото место.
ДВОЈКИ 2. КОЛО 9.10.2017, 16 ч.:
КАМЕНИЦА С. - БОРЕЦ
БРЕГАЛНИЦА – ПОБЕДА В.
КОЖУФ – ХОРИЗОНТ Т.
ТИКВЕШ – ОСОГОВО
ПЛАЧКОВИЦА – БЕЛАСИЦА

ТАБЕЛА:
1. БРЕГАЛНИЦА 1 1 0 0 3:1 3
2. ПЛАЧКОВИЦА 1 1 0 0 2:1 3
3. ОСОГОВО 1 1 0 0 1:0 3
4. БОРЕЦ 1 0 1 0 0:0 1
5. ПОБЕДА В. 1 0 1 0 0:0 1
6. БЕЛАСИЦА 0 0 0 0 0:0 0
7. ТИКВЕШ 0 0 0 0 0:0 0
8. КАМЕНИЦА С. 1 0 0 1 0:1 0
9. КОЖУФ 1 0 0 1 0:1 0
10. ХОРИЗОНТ Т. 1 0 0 1 1:3 0

 



Датум: 09.09.2017, 10:42
Статијата е прочитана 1696 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense