| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

08.09.2017


ДВОЈНИ ПОБЕДНИЦИ - Муслиу, Барди, Алиоски


Тројцата играчи на репрезентацијата на Македонија, покрај натпреварот, со дополнителен психолошки товар на своите рамења, не само што издржаа туку и одиграа одличен натпревар. Тоа се играчи за пример на останатите


Македонија против Албанија. Заврши како што заврши, колку и да треба да ни биде криво за победата и за трите бода, ние не можеме ништо да смениме. Одигравме „реми“, но фудбалерите се морални победници со оглед дека имаа одлична игра. Штета што не беа наградени со триумф и со три бода.
Сепак, на теренот имаше и тројца победници во вистинска смисла на зборот. Тројцата фудбалери Висар Муслиу, Енис Барди и Езџјан Алиоски се играчите кои покажаа како се игра во дресот со државниот грб, според она што се случуваше надвор од теренот пред натперварот и провокациите. Сето тоа придонесе да играат и под голем притисок, а тие не само што машки го издржаа туку беа одлични и на теренот, како и сите останати. Алиоски во вториот дел и се закануваше кон голот, Муслиу со остар старт спречи евентуална контра на противникот, додека Барди на неколку пати ги „мешаше“ во средината на теренот и не можеа да му ја земат топката. Ете така се игра за националниот тим. Така се „гине“, така се сака својата репрезентација. Играат со срце, со желба да се покажат, да покажат дека дресот со државниот грб на Македонија им значи повеќе од некакви провокации, притисоци и други работи.

НОВИОТ „СТОЛБ“ БЕЗ ПАРДОН
 Се чини дека добивме нови столбови во одбраната на Македонија. Не дека Ванче Шиков и Даниел Мојсов немаат репрезентативен калибар, но Ангеловски се реши за промени во тој сегмент, и не погреши. Шиков и Мојсов може да добијат шанса на некој од останатите натпревари, меѓутоа одбраната заврши голема работа, и тоа токму на чело со Муслиу. Да не заборавиме дека момчето го имаше своето деби во националниот тим, но според играта, како долго време да е со репрезентацијата на Македонија, а не само во овие неколку дена. Тој е иднината на одбраната заедно со Дарко Велковски и со Кире Ристевски, на кои се темели изборот на Ангеловски на последните неколку натпревари.
Муслиу беше без пардон на двата дуела со репрезентацијата, особено на оној со Албанија, кога се гледаше и по стартот над еден противнички играч.

ЕНИС ГИ „ВАДЕШЕ“ ОД КОПАЧКИ
Сите се импресионирани од играта на Енис Барди. Браво, момче! Тој е иднината во нашата селекција. Беше уживање да се гледа на дуелите со Израел, а особено со Албанија, кога ги „вадеше“ од копачки играчите во бели дресови. Не можеа топка да му земат, па на мигови се обидоа и со остри стартови, ама попусто. Барди секогаш навреме се ослободуваше од топката, секогаш навреме ја задржуваше. И кон него имаше голем притисок на овој натпревар, ама храбро се спротивстави на сето тоа и си поигруваше како мали деца со Албанците.

АЛИОСКИ СЕ „РАСПУКА“ ВО ВТОРИОТ ДЕЛ
Џани Алиоски имаше уште една импресивна партија, после онаа во Скадар на првиот натпревар. Уште тогаш Алиоски ги покажа своите квалитети и дека треба да биде нашиот „џокер“ во нападот. Токму кога беше префрлен на десната страна, Џани се распука кон голот на Албанија. Штета што не погоди, и што Бериша добро го имаше анализирано, па му ги одбрани сите удари. Алиоски беше незапирлив за албанската дефанзива, а кога ќе дојдеше во позиција да шутира, секогаш беше прецизен. За жал, не успеа да постигне барем еден гол со кој ќе дојдеше до погодок и на вториот дуел со нашиот западен сосед.

ТРОЈЦАТА ПРИМЕР ЗА ОСТАНАТИТЕ


Сите тројца се пример за професионализам, чест и гордост. Барди и Муслиу беа дел и од младата селекција, и играа секогаш максимално без „пардон“.
Тоа не беше случај со тројцата споменати кои играат за Македонија со срце, со желба, со големи мотиви против кој било противник, па и против Албанија. Можеби, многумина ги сметаат за „предавници“, особено пред мечот со Албанците, сепак, за нас овие момци се херои. Како и сите останати кои „гинат“ во дресот на репрезентацијата и секогаш го даваат максимумот без разлика на противникот и секогаш со нетрпение чекаат повик за да бидат дел од оваа селекција.

НЕ ТРГНАА ПО СТАПКИТЕ НА НЕКОЛКУМИНА
Барди, Алиоски и Муслиу не тргнаа по стапките на некои играчи на кои најпрво им беше пружена рака од Македонија, а потоа ја сменија одлуката и заиграа за други селекции, пред сѐ за Албанија. Не тргнаа ниту по стапките на Урош Матиќ, кој ѝ пружи рака на Македонија, а по првиот повик од Србија, веднаш ја прифати поканата. Најсвеж пример е Валон Ахмеди, кога ѝ пружи рака на Македонија, прифати да игра, но „избега“ за западниот сосед. За нашиот западен сосед избегаа да играат и Јасир Асани и Тауљан Сулејманов. На едниот кариерата му тргна во надолна линија, другиот тешко фаќа место во Јанг бојс.
Меѓу македонските херои го сместуваме и Аријан Адеми, кој прифати да игра за Македонија, и покрај подадената рака за Хрватска. Тој даде збор, и го исполни. Заигра за Македонија, а го чекаме и неговото враќање за уште посилен среден ред.


*Повеќе во викенд издание на „Македонски спорт“.



Датум: 08.09.2017, 15:38
Статијата е прочитана 3675 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
23.09.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense