„ЛЕТЕЧКИОТ“ МАКЕДОНЕЦ ЌЕ ГО ПРОПУШТИ ФИНАЛЕТО

ТЦР ЕВРОПА: Иџе не им најде крај на проблемите, нема да вози во Барселона!

Македонскиот автомобилист нема да го вози „финалето" од ТЦР Европа кое ќе се одржи наредниот викенд во Барселона.

објавено: 17 октомври 2018 - 11:00

Тој се одлучи на ваков чекор поради проблемите со возилото „хјундаи и30 Н" кои низ текот на целата сезона не успеа да ги реши, па заминувањето во Шпанија би било само непотребен трошок и губење на време.

„Уште од стартот на сезоната никако не успеавме да се консолидираме. Ги менувавме скоро сите делови, поставивме мотор во „Хјундаи" за контрола, ни рекоа дека моторот е во ред, а повторно е побавен од останатите возила со истиот бренд на патеката", рече Стефановски за „serbiaring.com".

На прашањето зошто тој не вози во Барселона со „сеат", тој накратко коментираше дека не може поради спонзорски договори.

„На претходната трка во Монца, добив „сетап" од Крис Рихард и повторно бев побавен. Тоа дефинитивно не е до мене, туку до автомобилот. Ми се чини дека некаква глупост прави проблем, можеби нешто во врска со електрониката или инсталацијата. Во секој случај, мораме да решиме сè пред следната сезона, бидејќи сакам да продолжам да го возам тој автомобил, само е премногу рано да се каже во која серија".

Македонецот, поради сето она што му се случуваше во текот на сезоната, имаше проблем и со самодовербата. Ова беше една од главните причини зошто тој отиде во Монца да вози на ТЦР Италија.

„Како што видовте, мојот стар „сеат" беше целосно бел, без спонзор. Отидов да возам за себе за да ја разбистрам главата. И покрај фактот дека не е возен автомобилот веќе скоро една година, мачењето со кочниците и „мишелин" гумите кои се шират и потврди од „јокохама", резултатот кој го постигнавме беше одличен. Онаа казна на крајот беше чудна, и сеуште не добил ниту еден документ дека сум казнет. Тоа сега не е важно, за мене ми беше важно да си ја вратам самодовербата", додаде Иџе.

Најново во Авто-мото