| контакт | маркетинг

29.07.2017

Русија „прегазена“ по вторпат, Македонија се бори за петто место

*Вистинската сила и победничкиот карактер избраниците на Илија Темелковски го покажаа одново на мундијалот и тоа во еден од најважните натпревари, оној за највисокиот пласман

Машката младинска репрезентација на Македонија ќе се бори за петтото место на Светското првенство У21 во Алжир, откако во првиот меч од разигрувањето на пласман од 5 до 8 место ја „прегази“ Русија со 36:27 (21:11).
Вистинската сила и победничкиот карактер избраниците на Илија Темелковски го покажаа одново на мундијалот и тоа во еден од најважните натпревари, оној за највисокиот пласман и потврдија дека не била случајност високата победа над „зборнаја“ и на отворањето на СП, кога се сретнавме во групната фаза.
Единствено во воведните минути Русите се држеа егал, 4:4. Она што следуваше беше серија од 4-0 па по само десетина минути имавме предност од 9:5. Со одлична игра во одбраната и уште поагресивно во нападот, Талески, Кузмановски, Велковски... решетаа од сите страни, а предноста само растееше 13:7, 17:9, за на полувремето да заминеме со 21:11, највисока двоцифрена предност која само минута претходно ја поставија младинците (20:10).
Продолжението беше чиста формалност. Избраниците на Темелковски го држеа истиот висок ритам на игра не оставајќи простор Русите во ниту еден момент да ни ја загрозат позицијата. Највисоките +14 (25:11) ги имавме на почетокот на вториот дел, а потоа само рутински се одржуваше двоцифрената предност (29:16) која значеше и дека Македонија утре ќе игра за 5. место во вториот термин, оној од 14 часот, каде ќе го чека победникот од дуелот Тунис- Унгарија, кој се игра денеска од 16 часот.
Како што најавија младинците и без помошта на Арсеновски и Крстевски, само со Нелоски како поддршка, кој уште еднаш стисна заби и одигра за тимот, оваа генерација македонски ракометари ќе играат за најголемиот успех во историјата на нашите национални тимови на едно СП.



Датум: 29.07.2017, 15:06
Статијата е прочитана 731 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
21.08.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense