| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

18.05.2017


Падна митот за големата Шкендија!


Од најави за двојна круна до целосен крах во сезоната 2016/2017. Пелистер со својата хрaбра и смела игра ја детронизира Шкендија и ги откри сите слабости што се пројавуваат во изминатите четири години


Сезона за заборав, сезона во која Шкендија доживеа дебакл, целосен крах. Имено, некаде на почетокот од август минатата година, сите во тетовскиот клуб, полни со себе и тоа поради феноменалните успеси во Европа, најавуваа поход по двојната круна. И не само што не ги освоија двата пехара туку не освоија ниту еден. Она што се случи завчера во Струмица, во куп-финалето со Пелистер  е рамно на катастрофа за Шкендија. Падна ли, конечно, митот за таа голема Шкендија завчера, на стадионот „Младост“. Пелистер со својата храбра и смела игра не само што ја детронизира Шкендија туку и ѝ ги откри на јавноста сите слабости на клубот од Тетово.


Манекени во црвено - црни дресови
Во изминатите четири години, во Шкендија се вложени околу 12.000.000 евра. И што е добиено за возврат? Само еден куп-пехар. Да, само еден трофеј од можни осум. Три отидоа кај Вардар, и тоа сите три шампионски, три кај Работнички и по еден кај Шкендија и кај Пелистер. Е поради овој факт некој во клубот мора да стави прст на чело и да се праша: „Каде ли грешиме?“ А грешки има многу, да, премногу. И дефинитивно не е проблемот само во тренерите. Едноставно некои играчи не го заслужуваат црвено-црниот дрес на Шкендија. Некои играчи завчера, на теренот на „Младост“, едноставно се однесуваа срамотно. Можеби ова е тежок збор, но така е. Се однесуваа срамотно. Љубителите на фудбалот со право се прашуваа: „Што ѝ е на оваа Шкендија?“ Во Шкендија само двајца играчи заедно имаат годишна плата колку што е буџетот на Пелистер. Пелистер завчера играше со срце, момците гинеа за својот клуб, а манекенените во црвено-црни дресови одиграа за секоја осуда.

Како не им е жал за фановите
Што правиме ако некој од врвот на Шкендија, пред сѐ тука мислиме на „Еколог“ и на семејството Дестани, рече: „Доста е, доста се дружевме. Или почнете да освојувате титули или доста беше“. Е па тогаш ќе ги видиме овие манекени каде ќе играат и дали ќе земаат годишни плати од 300.000 евра, од 180.000 евра, од 150.000 евра и слично. Секако дека вистинските причини зошто е тоа така, ние отстрана што не сме во клубот, не можеме да ги кажеме. И не се само тие вивновни, виновни се тие што правеа грешки со тренерите, што не знаат да постават луѓе на вистинските позиции, што не знаат како со толку пари да направат шампион на Македонија. Прашање до сите нив, но и до тренерите, до играчите, но и до менаџерите во клубот:  “Како не ви е жал за навивачите, за ’балистите’, кои низ цела Македонија, каде и да игра Шкендија, ја даваат својата поддршка? И да, не си Шкендија кога ќе дадеш гол против Брегалница или Победа и ќе почнеш да ги бануваш дресот и амблемот на клубот на него. Шкендија си тогаш кога ќе ѝ донесеш на својата Шкендија титула и радост на навивачите.


*Повеќе во денешното печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 19.05.2017, 10:19
Статијата е прочитана 7938 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
29.05.2017
29.05.2017
29.05.2017
29.05.2017
29.05.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense