| контакт | маркетинг
РАКОМЕТ

12.08.2017

Металург ќе фаќа залет за ЛШ покрај езеро

Од денеска, па до 15 август, Струга ќе биде домаќин на 45. традиционален ракометен турнир. На отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“, во две групи ќе играат три странски и три македонски екипи

Покрај езерото ќе бидат ланскиот финалист Металург, домаќинот Струга, како и претставникот во Купот на ЕХФ, Охрид. Од странските екипи, тука е ланскиот освојувач, францускиот Шарт, кој ќе ја брани титулата, а во Струга втора година по ред ќе играат и турскиот шампион Бешикташ, каде што игра Немања Прибак, и шведскиот вицепрвак Алингсас. Во групната фаза, секоја екипа ќе игра по два дуела, а во зависност од пласманот на последниот ден од турнирот, 15 август, ќе се играат натпреварите за пласман, плус мечот за трофејот.

ГЛАВНИТЕ ТЕСТОВИ ЗА МЕТАЛУРГ ВО СТРУГА
Македонскиот вицепрвак сезонава претрпи големи промени во играчкиот кадар. Заминаа Печенковски, Вејин, Јусуфинеџад, Марчец и Младеновиќ, а дојдоа Лапајне, Анѓелиќ, Стојановиќ, Димитриевски, Токиќ, Даниловски, плус петмина младинци, Димитриоски, Серафимов, Шилегов, Лазаревски и Танкоски. Натпреварите во градот од кој потекнуваат ракометарите со кои Металург ги постигна најдобрите резултати во историјата, Мојсоски, Јоновски, Ојлески, Маркоски, ќе ги искористи за уигрување на екипата во пресрет на натпреварите од СЕХА-лигата и од Лигата на шампионите.

НАЈБОГАТИОТ ФРАНЦУСКИ ВТОРОЛИГАШ ЌЕ ЈА БРАНИ ТИТУЛАТА
Втора година по ред, во Струга ќе игра и францускиот второлигаш Шарт, иако во споредба со лани, ќе има значително изменет состав. Длабок рез имаше во екипата, која поради гол помалку на гости, не успеа да се пласира во најквалитетната конкуренција во Франција. Ги нема Родриго Салинас и Борис Бечировиќ, а најквалитетно засилување е Един Башиќ, кој долги години беше член на Шамбери. Меѓу новите играчи, вреди да се истакне и потписот на Фабио Магалаеш, кој доаѓа од португалскиот состав Мадеира.

Распоред на натпревари, Струга 2017:
Група А
Охрид
Бешикташ
Алингсас
Група Б
Струга
Металург
Шарт

12 август
18:45 Свечено отворање
19:30 Шарт – Струга
21:15 Бешикташ – Алингсас
13 август
19:00 Бешикташ – Охрид
20:45 Металург – Шарт
14 август
19:00 Металург – Струга
20:45 Алингсас – Охрид
15 август
18:00 меч за петто место
19:45 меч за трето место
21:30 финале

 



Датум: 12.08.2017, 12:01
Статијата е прочитана 768 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
12.12.2017
12.12.2017
12.12.2017
12.12.2017
12.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense