| контакт | маркетинг
КОШАРКА

08.01.2017

Од МЗТ се бара борба!

На актуелниот „фенерџија“ во јадранското друштво, МЗТ Скопје Аеродром, многу му е потребна гостинска победа не само за да не биде осамен на последното место туку и да покаже дека не му е сеедно дали победува или губи.


Борбеност и желба за триумф во сите 40 минути е она што го бара тренерот Анте Назор.
Денеска „металците“ ќе играат со Цибона, и барем на хартија домашните се изразити фаворити. Цибона игра дома, има шест победи повеќе од МЗТ, а кај „штрковите“ има тројца повредени играчи (Јуре Лалиќ, Даниел Кларк и Стојан Ѓуроски). Сите показатели најавуваат победа на Цибона и останување на МЗТ на дното. Но, дури и да загуби, македонскиот тим мора да игра борбено и да ги надмине сите проблеми.
„Мора да има `фајт`, инаку џабе е сè. Пристапот мора да биде поразличен отколку на средбата со Цедевита во минатото коло. Ќе ги преземеме сите мерки кои се потребни за да личиме на тим. Мора да сфатиме дека некој нè гледа и заслужува да види наше подобро издание. Ако бидеме надиграни в ред, тоа што мора да го има се емоции и борба“,  рече Назор кој откако дојде за тренер на МЗТ, има само една победа.
Олеснителна околност за „металците“ е што Цибона уште нема најдено замена за центарот Анте Жижиќ, па ќе нема поединец кој може да биде толку доминантен против Џош Скот и Љубомир Младеновски. Жижиќ беше човекот кој го уништи МЗТ во Скопје кога имаше рекорден индекс на корисност.
Откако си отиде Жижиќ, загрепските „волци“ немаат победа, а играа на гости со Морнар и дома со Партизан. Против Партизан дадоа силен отпор и тоа покажува дека МЗТ в недела воопшто нема да има лесен соперник. Цибона без Жижиќ нема квалитет за да се бори со четирите водечки, вака веќе не е во игра за место во плеј-офот, а од друга страна не е загрозена од испаѓање, и МЗТ треба да се обиде да го искористи „вакуум“ периодот кај поранешниот двократен европски првак.
Салата „Дражен Петровиќ“ е местото каде МЗТ ја извојува својата прва победа во АБА лигата пред нешто повеќе од четири години, но оттогаш нема триумф таму.



Датум: 08.01.2017, 10:35
Статијата е прочитана 893 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.01.2017
21.01.2017
21.01.2017
21.01.2017
21.01.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense