| контакт | маркетинг
РАКОМЕТ

23.09.2017

Без резерва, со сите сили против Нант

„Нема дилеми и калкулации, се игра без резерва. На натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен мора да се победи“, дециден е столбот на одбраната, Илија Абутовиќ

Единствените две непоразени екипи во групата А на почетокот од Лигата на шампионите, европскиот првак Вардар и тимот на најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров, Нант, ќе се соочат попладнево (17:30 часот), во СЦ „Јане Сандански“. Францускиот тим премиерно е дел од најсилното европско клупско натпреварување и ќе биде првиот кој ќе го предизвика бранителот на титулата во скопскиот „пекол“.
Вардарци покажаа дека се во одличен ритам, имаат серија од пет победи од почетокот на сезоната (еден триумф во ЛШ и четири победи во СЕХА), па нема сомневање дека сакаат да продолжат со истиот ритам. Ако на ова се додаде и дека играат дома, каде што е кристално јасно дека негативен резултат не доаѓа предвид, тогаш многу добро се знае позицијата на „црвено-црните“.
„За нас, исклучително е важно да ја започнеме сезоната на домашен терен со победа. Најдоброто од нас треба да го дадеме пред нашата публика, која верувам дека ќе ја наполни салата и ќе ни даде поддршка. Полните трибини се она што дополнително нѐ крева и нѐ мотивира на сите натпревари“, потенцира десното крило на Вардар, Даниел Шишкарев, и продолжува:
„Нант е многу сериозен противник, има многу добри играчи, особено во нападот, добар голман. Затоа е потребно да бидеме концентрирани од првата до последната минута и со оглед на тоа дека двата тима имаат сличен систем на игра, сметам дека оној што ќе направи помалку грешки, ќе излезе како победник. Верувам во победа, секогаш кога играме дома, имаме само еден исход во мислите - триумф“.
И главниот вардаров дефанзивец, Илија Абутовиќ, е оптимист, иако потенцира дека ги чека тешка задача.
„Ни претстои тежок натпревар. Нант е добра екипа, има одличен тим и е тврд, незгоден противник, кој игра брз ракомет. Имаат слична игра како нашата, добра одбрана, голманот им е во одлична форма, многу трчаат, имаат добри крила, полуконтра... Мора да бидеме внимателни и концентрирани.
Очекуваме полна сала и нема дилеми и калкулации, се игра без резерва. На натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен мора да се победи“, дециден е столбот на одбраната.



Датум: 23.09.2017, 10:39
Статијата е прочитана 599 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense